МВР лови бегалци од домашна самоизолација

49

До денеска повеќе од 15 граѓани избегале или се обиделе да избегаат од задолжителната 14-дневна изолација. Против нив се поднесени кривични пријави и парични казни што се движат од 1.000 до 3.000 евра.

Трет ден по ред, македонската полиција е на големи маки што ѝ ги создаваат дел од повратниците од земјите од Европската Унија, кои не ги почитуваат дадените 14 дена домашна изолација, за лична и општествена заштита од коронавирусот. Досега повеќе од 120 граѓани се во домашна изолација или во самоизолација. Дел од нив ги почитуваат мерките. Но, дел не. При полициска проверка дали се држат до препораките, граѓаните најчесто не се дома, па полицијата е принудена веднаш да им напише казна според членот 205 и членот 206 од Кривичниот законик. Предвидените парични казни се движат од 1.000 до 3.000 евра, а доколку јавниот обвинител смета дека сторителот извршил посериозно дело, може да му одреди и построга мерка.

За таа цел од завчеравечер на територијата на Скопје и во другите општини драстично е зголемено присуството на полицијата. Од МВР велат дека полицијата со сите расположливи сили ќе проверува дали на терен се почитуваат владините мерки. Присуството на полицијата ќе биде на сила сѐ додека наредбата не биде отповикана.

– За сторено кривично дело полицијата нема да предупредува, туку ќе приведува. Бидете свесни, заштитете се и себеси и околината – вели заменичката на министерот за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

Наместо во изолација, се степале со соседите

Петчлено семејство од Битола, наместо да биде во изолација, се степалo со соседите. Тие на 14 март се вратиле од Италија. Им била определена мерка за спроведување задолжителна домашна изолација од 14 дена, до 27-ми овој месец. Но, завчера околу 12 часот, излегле од својот дом на улицата пред семејната куќа, вербално се расправале со соседите, по што двајца од нив физички ги нападнале соседите и им нанеле телесни повреди. Поради непочитување на законот, од полицијата заработија парични казни од 100 дневни глоби, а една дневна глоба е 20 евра, во денарска противвредност.

Полицијата поднесе кривична пријава против 63-годишниот А.М. од Охрид поради непридржување на мерката за самоизолација. Тој авионски допатувал од Холандија во Скопје и потпишал изјава дека ќе биде во изолација во својот дом. МВР против него поднесе кривична пријава.
Четворица прилепчани, кои пристигнале од ризични држави, исто така не ги почитувале мерките за самоизолација.

Ќе има и затвор за „бегалците“

– Полицијата и инспекциските служби ќе бидат максимално ангажирани. За секој што не ги почитува препораките и потпишаните изјави за самоизолација, ќе има сериозни санкции, не само парични туку и затворски – рече вчера техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Повеќе несовесни граѓани од Куманово, Кавадарци, Струмица, Валандово, Кичево и од Гостивар ќе добијат казни за непочитување на определените мерки за задолжителна самоизолација, со цел сузбивање и спречување на ширење на вирусот ковид-19.

Тие се соочуваат со парични казни во висина од 50 до 100 дневни глоби. И овие лица при влез во земјава потпишале изјава за самоизолација, но при проверка од полициски службеници не биле затекнати во своите домови.