МВР: Малолетник од Старо Нагоричане го шутираше кучето во Куманово

69

Малолетник од Старо Нагоричане е лицето кое шутираше куче на игралиште во Куманово, информира Министерството за внатрешни работи. Тој бил повикан во полициска станица каде дал изјава за случајот, по што ќе биде одредена и соодветна пријава, појаснуваат од МВР.

На социјалните мрежи во понеделникот кружеше видео на кое се гледа како брутално се шутира бездомно куче на игралиште во Куманово. Откако видеото стана вирално, првичната објава беше отстранета.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а до МВР пристигнале три пријави.

Според Кривичниот законот:„Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Претходно од здружението „Дејзи Фемили Рескју“ за Радио МОФ изјавија дека е алармантно тоа што во голем број од овие случаи, инволвирани се млади или малолетни лица.

„За да се спречат вакви настани, пред се треба да се постави пример дека полицијата и надлежните органи делуваат и секој оној кој сторил вакво дело, ќе одговара за прекршување на Законот за благостојба на животните, кој за жал ниту се почитува ниту се сфака сериозно како од граѓаните, така и од надлежните. Следно што е важно е едукацијата која што иако невладините организации и активистите ја спроведуваат преку разни акции, социјалните медиуми и соработа со медиуми како вас, туку и самите образовни институции треба да ги спроведуваат. Животните се дел од овој свет, и треба да ги почитуваме и прифатиме како свесни и емотивни битија, кои можат да ни го направат животот поубав. Европските развиени земји, се пример за тоа како треба да се однесуваме со животните. И за крај апелираме до сите кои сведочат на вакви ужасни дела, да пријават во полиција, бидејќи сторителот мора да одговара по закон. Најчесто често луѓето кои се способни да повредат животно на било каков начин, утре многу лесно истото ќе го сторат на друг човек“, ијавија од „Дејзи Фемили Рескју“ за Радио МОФ.