МВР му влезе во трага на мистериозниот инвеститор на дивоградбата кај Мавровка

61

Од МВР денеска информираа дека превземале истражни активности за дивоградбата кај Мавровка, и дека за се што откриле е информирано обвинителството.

-Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, изминатиов период применувајќи ги неопходните мерки и активности од делокругот на својата надлежност, интензивно работеше во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење” кое што се гони по службена должност по член 244-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија во реонот на Трговскиот центар „Мавровка“, соопштуваат од МВР.

Но бидејќи во соопштението не беше наведено дали министерството открило кој е мистериозниот инвеститор на дивоградбата, побаравме дополнителен одговор. Од одговорот што го добивме може да се заклучи дека МВР му влегло во трага на инвеститорот, чие што име досега не е откриено во јавноста.

-Поднесено е Известување како компилација или извештај од се што е превземено од наша страна и со соодветни докази кои што упатуваат на постоење на основи на сомнение за можниот сторител на кривичното дело Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот Законик, одговорија од МВР за „Фокус“.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, неодамна истакна дека по сопствени канали успеал да дознае кој гради кај Мавровка, но неговото име се чуваше во тајност.

Вчера општина Чаир објави нов, втор по ред тендер за избор на фирма за уривање на дивоградбата. Првиот повик беше неуспешен бидејќи ниту една фирма не се пријавила, па Општината мораше да го повтори.