МВР поднесе кривична пријава за малолетникот кој двапати испратил дојави за бомби во училиштата во Кавадарци

10

 

Дојавите за наводно поставени бомби во училишта во Кавадарци 15-годишникот ги испраќал од својот персонален компјутер на интернет-апликација преку хакирана електронска адреса. При увид во електронските уреди што ги користел малолетникот, се пронајдени докази за испратените пораки со заканувачка содржина

Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска најави дека ќе биде поднесена кривична пријава против малолетникот кој испраќал лажни закани за поставени бомби во училиштата во Кавадарци, МВР во официјално соопштение објави дека пријавата против 15-годишниот малолетник е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Тој е обвинет за сторено кривично дело тероризам.

Во објавата на Министерството за конкретниот случај се наведува дека малолетникот во два наврата испраќал дојави за наводно поставени бомби во училишта во Кавадарци. Првата заканувачка порака за поставена експлозивна направа 15-годишникот ја испратил на 4 декември на електронските адреси на три основни и три средни училишта во Кавадарци.

„Дојавата ја испратил од неговиот персонален компјутер на интернет апликација преку хакирана електронска адреса“,

наведуваат од МВР.

Една недела подоцна, на 12 декември тој од истиот компјутер испратил заканувачка порака со слична содржина како претходната на службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци.

Дојавите за поставени бомби во кавадаречките училишта и во двата наврата се утврди дека се лажни.

„Со цел обезбедување на докази, врз основа на издадена наредба од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, на 12 декември 2022 година е извршен претрес на дом и други простории каде што живее лицето, при што одземени се еден компјутер и мобилен телефон, кои ги користел кривично пријавениот“,се додава во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при увид во електронските уреди кои ги користел малолетникот, се пронајдени докази за испратените пораки со заканувачка содржина.

Ова е втор официјално потврден случај во кој испраќачот на лажните дојави во земјава е малолетно лице.

На почетокот на месецов малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело тероризам поради тоа што испраќал лажни дојави за бомби во неколку средни училишта во Скопје во период од 26.10.2022 до 2.11.2022 година.