МВР растури собир покрај оган во Орман, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за селективност

23

Откако синоќа полицијата растури собир покрај оган во скопското село Орман и приведе десетина лица, ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение обвини дека министерот Оливер Спасовски покажал сила кон народот додека министри од ДУИ сечеле торта без маски.

„Во текот на вчерашниот ден во село Орман, беа уапсени 10-тина лица заради палење на бадников оган. Оливер Спасовски по којзнае кој пат покажа сила врз граѓаните.

Институциите во оваа држава за едни се мајка, а за други маќеа. Функционерите од власта секојдневно ги кршат мерките за заштита од ковид-19, а за тоа не видовме ниту една изречена казна или па некакво приведување, ама за тоа граѓаните и за минимално непочитување се апсат и казнуваат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, синоќа околу 21.15 часот полициски службеници затекнале десетина лица покрај оган во скопското село Орман. Лицата се приведени во полициска станица и против нив ќе следат соодветни поднесоци.

МВР апелира до граѓаните да не организираат какви било собирања односно да ги почитуваат мерките за справување со коронавирусот.