МД „Илинден“-Тирана бара од владите на двете земји граничниот премин Џепиште –Требиште, кај Дебар, да функционира 24 часа

9

 

Македонското друштво „Илинден“ -Тирана и огранокот за Голо Брдо, бараат од владите на Северна Македонија и на Албанија, да го реализираат договореното, граничниот премин Џепиште – Требиште во близина на Дебар, да функционира 24 часа.

Потсетуваат дека Владите на Македонија и Албанија на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште -Требиште да работи 24 часа, тоа сè уште не е реализирано.

-Но и понатаму функционира како премин од локален карактер, во летниот период од 6 до 20 додека во зима од 8 до 18 часот. Повеќе од неопходно е овој премин, кој е отворен во мај 2013 година, да биде целосно функционален. Доколку се реализира договорено ќе биде од голема полза за жителите на оваа област бидејќи за нив многу поблиску е да патуваат до Дебар, отколкудо најблиските албански градови, стои во соопштението потпшано од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и на огранокот, Фатри Фетаху.

Се додава дека движењето е посебно тешко и ограничено во зимскиот период, како од лошата патна инфраструктура со која областа е поврзана кон албанските градови, така и од природни околности како што се ниските температури и обилните врнежи од снег.

-Кога би работел преминот 24 часа ќе им се помогне многу на Македонците од областа Голо Брдо, зашто ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа Голо Брдо, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици, оценува друштвото.

Преминот е наменет за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 година по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила.