Меган се слушнала со кралицата пред погребот на принцот Филип и ова фрла ново светло на нивниот однос

17

Меган Маркл не присуствуваше на погребот на принцот Филип на 17 април во Виндзор, но пред последното збогување со војводата од Единбург, таа водела важен разговор со главната личност на британскиот двор.

Војвотката од Сасекс не присуствуваше на погребот на принцот Филип, според препораката на лекарот кој сметал дека патувањето во напредна бременост е голем ризик за неа и за бебето. Ден по тажниот настан се дозна дека Меган Маркл гледала телевизиски пренос од погребот во семејната куќа во Санта Барбара, а и „Пипл“ вчера донесе нови детали.

Меган Маркл и малиот принц Арчи разговарале со кралицата Елизабета Втора пред погребот, претходната недела. Војвотката од Сасекс, свесна колку на Хари му било тешко патувањето за Англија, разговарала и со сопругот минатата сабота, пред тој да се упати кон капелата Сент Џорџ во Виндзор.

Некој ќе рече, кога станува збор за разговорот помеѓу кралицата и Меган – така и доликува. Сепак, поради сè што се случи во односот меѓу војвотката и војводата од Сасекс и британскиот двор, не беше нереално да се очекува и поинакво сценарио и покрај тоа што Елизабета Втора со своите потези од Мегзит до денес покажа дека сака тој однос да се стабилизира. Не треба да се заборави ниту дека Меган во интервјуто за Опра Винфри изјави дека кралицата се однесувала кон неа како кон своја внука.

Принцот Хари пристигна во Лондон неколку дена пред погребот, а во Калифорнија се врати завчера, ден пред 95-от роденден на Елизабета Втора. Автомобилот во кој бил помладиот син на принцот Чарл и принцезата Дајана бил забележан како го напушта аеродромот, а потоа како се враќа во вилата каде што живее со Меган и нивниот син Арчи, околу 16 часот.

– Меган и Хари беа во контакт секој ден. Хари не сакаше да ги остава Меган и Арчи сами, а таа секој ден му велеше дека се добро, не сакаше тој да се грижи – изјави извор близок до кралското семејство за магазинот „Пипл“.

Како што додаде изворот, минатата година за британскиот двор беше многу тешка, а потоа, на крајот, почина принцот Филип.

„Војводата беше глава на семејството и сега е вистинското време сите да се соберат“, рече изворот.

Принцот Хари ја посети Велика Британија за прв пат по официјалното стапување во сила на Мегзит поради погребот на неговиот дедо. На погребот, тој одеше одделно од неговиот брат, што беше желба на Вилијам.

Сепак, браќата заедно го напуштија погребот кога разговараа. Со нив од погребот замина и војвотката од Кембриџ, која застана во еден момент и ги остави да разговараат приватно, што се толкуваше како нејзин придонес за помирувањето на принцовите. Подоцна се дозна дека Меган, која разговарала за тоа со нејзиниот сопруг, исто така придонела за зближување меѓу синовите на принцот Чарлс и принцезата Дајана.

Принцот Хари разговарал со неговиот брат и татко по погребот во замокот во Виндзор, а како што пишува „Мирор“ вчера, тој два пати разговарал со кралицата за време на неговиот престој во Лондон.

Односите на Меган Маркл и принцот Хари со британскиот двор се влошија поради Мегзит, односно нивната одлука да ги напуштат должностите на постари кралски членови, иако всушност нивното одвојување од семејството беше само кулминација на разните конфликти, за кои војвотката и војводата од Сасекс зборуваа во интервјуто со Опра Винфри, минатиот месец.

Во емисијата на Опра Винфри изнесоа низа обвинувања за кралското семејство. Меѓу другото, и обвинувањата за расизам. Сепак, Хари напомена кај Опра дека расистичките коментари не ги дале ниту кралицата ниту принцот Филип. И покрај ова последното, голем број членови на кралскиот двор биле многу ладни кон Хари по неговото пристигнување во Лондон, изразувајќи со тоа јасен став дека му забележуваат за сè што е изговорено во контроверзното интервју.

Веста за разговорот меѓу Меган и кралицата кажува многу за нивниот однос.