Меркел и Пленковиќ се надеваат на напредок во отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија

7

Германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашната средба во Берлин со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакнаа дека се надеваат дека ќе има напредок во отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со Европска Унија на Самитот во мај во Загреб.

– Самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Загреб е многу важна работа поради проблемите со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Хрватска. Се надеваме дека на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се постигне напредок на тоа поле, посочи Меркел по средбата со Пленковиќ.

И хрватскиот премиер изрази оптимизам за Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 5 и 6 мај.

– Овој Самит ќе даде реална перспектива во односите на ЕУ со земјите во соседството, за да знаеме со каква динамика овие земји се движат кон членството, наведе Пленковиќ.

Меркел и Пленковиќ разговараа и за координација со претседавањето со ЕУ и ја потврдија желбата заеднички да работат на решавање на проблемите. Германија на 1 јули ќе го преземе претседавањето со ЕУ од Хрватска.