Меркел се закани со враќање на контролите на германските граници

4

Германската канцеларка Ангела Меркел, во борбата против ширењето на новиот сој на коронавирусот, побара повторно воведување контроли на границите, како на пролет минатата година.

Шефовите на државите и владите на членките на Европската Унија вечерва би требало да ги разгледуваат понатамошните чекори во борбата против коронавирусопт.

Германија, како и неколку други земји, ја предложи мерката на целосен карантин и тоа им го советува и на останатите земји од ЕУ.

Доколку останатите земји не го „послушаат“ предлогот на Германија, Меркел најави дека повторно ќе воведе контроли на своите граници.

„Ако земјите сакаат да одат по друг пат, тогаш ќе мора повторно да ги вратиме контролите на границите“, кажа германската канцеларка.

Според неа, мерките во Германија можат да бидат ефикасни само ако постојат слични мерки во другите земји.

Од друга страна, пак, шефот на германската дипломатија Хаико Мас се изјасни против граничните контроли.

„Мислам дека мораме да направиме сè за да спречиме повторно да бидат вратени контролите на границите кои водат до колони долги и по 50 километри“, кажа Мас.

Тој истакна дека на самитот на ЕУ ќе се разговара за практичните прашања, како на пример тестирањето на десетиците илјади прекугранични работници за вирусот, и како да се спречи инфекцијата да се увезува преку границите.

Кажа дека е можно да се најде разумно решение без воведување контроли на границите.