Меркел тајно го посетила Навални додека се лекувал во берлинската болница

24

Германската канцеларка Ангела Меркел наводно тајно го посетила рускиот опозиционер Алексеј Навални додека бил на лекување во болницата во Берлин, пренесува „Шпигл“.

„Канцеларката во целосна тајност го посети рускиот опозициски политичар додека лежеше во берлинската болница Шарите“, открил извор за германски „Шпигл“.

Со тоа, како што е наведено во текстот, германската канцеларка Меркел ја покажала солидарноста на нејзината влада со Навални и нагласила дека Берлин нема да се откаже од намерата овој случај да го истражи до крај.

„Алексеј Навални е жртва на напад со хемиски нервен агенс од групата „Новичок“. Овој отров е пронајден во анализите. На тој начин се потврдува дека Навални е жртва на злосторство. Во името на германската влада најостро го осудувам овој напад. Очекуваме руската Влада да објасни што се случило. Се појавија некои тешки прашања на кои може и треба да одговори само руската Влада“, изјави неодамна германската канцеларка Меркел.

Навални беше отпуштен од болничко лекување на 22-ри септември откако успешно се опорави од труењето.

Да потсетиме, на Алексеј Навални минатиот месец му се слоши на авионски лет во Русија, по што падна во кома. На барање на неговата сопруга беше пренесен во Германија каде докторите успеаа да му го спасат животот.

Германските доктори набрзо потоа утврдија дека најгласниот критичар на Владимир Путин е отруен со „Новичок“, нервен агенс кој бил произведен од страна на советските експерти. Блиски соработници на Навални неодамна открија дека трагите на Новичок биле откриени во шише со вода пронајдено во неговата хотелска соба во Сибир.