Мерките на ограничување во Германија остануваат до 20 декември, можно е продолжување и до јануари

28

Германската канцеларка Ангела Меркел синоќа изјави дека со лидерите на 16 германски сојузни држави е договорено рестриктивните мерки против ширењето на коронавирусот да останат во сила до 20 декември, но со можност тие да се продолжат и во јануари.

„Бројот на заразени сѐ уште е преголем“,

изјави Меркел пред новинарите, но додаде дека мерките ќе бидат олеснети за време на божиќните празници.
Таа соопшти дека во Германија се воведува мерката за задолжително носење маски на отворено, особено на места каде што има голема фреквенција на луѓе или во центарот на градовите.

Германија на 2 ноември воведе нов т.н. мек карантин со цел да се избори против вториот бран од коронавирусот, кој драматично се прошири низ цела Европа.

Според договорените мерки, на приватните собири во Германија ќе може да присуствуваат до најмногу пет лица, не сметајќи ги децата, додека за божиќните празници ќе биде дозволено собирањето на најмногу 10 лица.