Мерки на претпазливост наместо притвор за едно лице од Арачиново приведено во полициската операција пред 3 дена

7

Обвинителството потврди дека само едно лице приведено во големата акција на МВР пред три дена добило кривична пријава и е побаран притвор.

Судот на жителот на Арачиново во која е најдено нелегално оружје наместо притвор му определил мерки на претпазливост.

Пред 3 дена во голема акција беа уапсени 12 лица од Грчец, Арачиново, Крушопек и Сарај, а дел од нив беа поврзани и со пукањето во хотелот Александар Палас.

МВР објави дека е сузбиена криминална група која покрај дилање на дрога се заканувала и на полицајци. Но за нив не поднела кривични пријави туку како што соопшти обвинителството „било поднесено едно известување за одземени предмети и за обезбедени траги од лице место, за кои дежурен јавен обвинител веднаш истиот ден, согласно Законот за кривична постапка, издаде наредби за вештачење до МВР“.

Никој од приведените не е во притвор ниту пак е барана друга мерка за нив. Обвинителството во денешното соопштение тврди дека надлежниот обвинител ќе одлучува дали за некој приведен и осомничен ќе бара притвор или друга поблага мерка во текот на постапката.

„Обвинителството, како орган на прогон, по евентуално дополнително поднесени кривични пријави, поткрепени со докази обезбедени на законит начин, ќе постапи согласно своите законски надлежности“ соопшти обвинителството без да прецизира дали во акцијата се обезбедени докази на незаконит начин или пак полицијата им доставила само докази добиени по законски пат.