Мертенс: Многу му верувам на Елмас, но понекогаш заспива, па мора да го разбудам

0

Дрес Мертес е вистинска легенда на Наполи, тој има големи зборови за Елиф Елмас, но вели дека понекогаш мора да го „разбуди“ нашиот фудбалер.

 

Елиф Елмас и Дрес Мертенс станаа одлични пријатели. Македонскиот фудбалер е во центарот на вниманието откако му донесе победа на Наполи против Милан, па Белгиецот беше запрашан што мисли за Елиф.

„Многу му верувам на Елмас, но понекогаш мора да го разбудам бидејќи знае да „заспие“. Кога знаете колку е силен, мора да се потрудите да го разбудите, треба постојано да биде буден. Јас го правам тоа и оваа година тој е многу добар, исто и тренерот има голема верба во него, а тоа му дава самодоверба. Но, не сум задолжен само јас да го будам. Тука се и Кулибали и Инсиње кои го прават истото со Елмас, но тоа е наша должност како искусни фудбалери“, открива Мертенс.

Мертенс открива дека и тој кога пристигнал во Наполи не му било лесно, но се угледувал на поискусните во тимот како што тогаш биле Марек Хамшик и Паоло Канаваро.

„Јас пристигнав млад, и сега имаме многу млади фудбалери. Кога дојдов не ми беше лесно, потоа со искуството растете. Кога дојдов тука беше Хамшик, се угледував на него, тој беше симбол на Наполи, исто таков беше и Паоло Канаваро. Мислам дека денеска новите момци кога доаѓаат се угледуваат на мене, Инсиње или Кулибали. Во мое време тоа беа Хамшик и Канаваро“.

„Отсекогаш велиме дека мора да го испотиме дресот, да играме добро за фановите, треба да го разберете овој град бидејќи тој ви дава нешто посебно. Фановите се болни за овие бои, по толку години тука и вие по малку станувате болен за овој дрес, за овие бои. Денеска јас сакам да им подадам рака на младите фудбалери“.

Мертенс во Наполи е од 2013 година, тој има преку 300 натпревари во дресот на овој клуб и во меѓувреме стана најдобар стрелец на сите времиња поминувајќи го Марек Хамшик на вечната листа.