Меси: Мора да влеземе во ритам, веќе не смееме толку лесно да губиме бодови

13

Аргентинецот најавува дека е време на теренот да се појави Барселона која доминираше во претходните неколку години.

Лионел Меси синоќа ја доби наградата „Пичичи“, која се доделува на најдобриот стрелец во сезоната во Ла Лига. За Аргентинецот ова е рекордно седмо вакво признание, надминувајќи го легендарниот Телмо Сара, кој во минатото шестпати ја освојувал оваа награда.

„За мене претставува голема чест добивањето на оваа награда по седми пат. Голема работа е тоа што го надминав рекордот на Сара. Уште еднаш, ви благодарам“, рече Меси, кој минатата сезона даде 33 погодоци. Претходно оваа награда ја има освојувано и во 2010 година, 2012, 2013, 2017, 2018 и 2019 година.

Каталонскиот гигант сезонава игра многу слабо и по 13 кола има само шест победи, три нерешени и четири порази, па веќе има дури осум бода помалку од лидерот Атлетико Мадрид. Меси вели дека е време Барселона да влезе во серија победи.

„Дали можеме да ги бркаме титулите во Примера и во Лигата на шампионите? Тоа не е ништо ново за нас, Барселона секогаш игра за да освои титули. Имаме потреба да одиграме неколку добри меча и да победиме за да се доближиме до врвот во Примера. Во тешка ситуација се наоѓаме, но верувам дека ќе се среди. Во услови на пандемија сите мечеви се тешки. Ужасно е што играме без гледачи. Тоа изгледа како да сме на тренинг. Посакувам што е можно побрзо навивачите да се вратат на трибините, како и целиот живот да се нормализира“, заврши Меси на церемонијата на која ја доби наградата за најдобар стрелец во Примера за минатата сезона.

Барселона вечерва гостува кај Валјадолид, што е одлична можност за Каталонците да започнат со посакуваната серија на победи.