Мета: Албанија не е ѓаволска земја, Иран да ги почитува меѓународните закони

6

Албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама одговорија на иранската закана и коментарот на ајатолахот Али Хаменеи дека Албанија заговарала со САД против иранскиот режим.

Говорејќи на собир на приврзаници Хаменеи веројатно мислеше на Албанија кога рече дека една „мала и многу предавничка европска земја и голем број ирански платеници и предавници се собраа со некои странци и се обидоа да ѝ се спротивстават на Исламската Република.“

Иранскиот лидер веројатно мислел на јунската „конференција за човекови права“ на Народните муџахедини на Иран (МЕК) – политичко-милитантна организација што работи на соборување на иранскиот режим, а над 3.000 нејзини члена се засолнети во комплекс во Албанија по договорот меѓу албанската и американската влада, велат албанските медиуми.

Меѓу претставниците, наводно од 47 земји, говорници на конференцијата биле адвокатот на претседателот Трамп и ексградоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, поранешниот демократски сенатор Џо Либерман и други, кои ги користеле фразите „режим на терор“, „убијците во Техеран“ и повикале на итно соборување на сегашната иранска влада.

Албанскиот претседател Илир Мета го осуди нападот на Иран врз две американски воени бази како „провокација“ што може да доведе до „опасни исходи за регионот и за неговата стабилност“. Мета го повика Иран да се придржува кон меѓународните закони и изјави дека Албанија стои зад САД и НАТО против меѓународниот тероризам.

Како можен одговор на претходниот коментар на Хаменеи, Мета додаде дека „Албанија не е ѓаволска земја, туку демократска, која страдаше под невидена ѓаволска диктатура, па затоа човековите права ѝ се свети“.

Премиерот Еди Рама, кој пред околу една година го протера иранскиот амбасадор, вчера исто така беше запрашан за можните опасности што ѝ се закануваат на Албанија од присуството на членовите на МЕК во земјата. Тој рече дека не е „изненаден“ од коментарите на Хаменеи и ги отфрли сите грижи:

„Ова не е нова тема за нас. Ние презедовме акција за угледот на Албанија и тоа е дел од стратегискиот сојуз со САД и ги отворивме вратите за група луѓе чии животи беа во опасност. Тие се во Албанија како резултат на хуманитарна операција, а не политичка“.

Рама ја пофали соработката на Албанија со САД за безбедносните прашања. Тој рече дека придонесот на Албанија во сојузот со САД не е преку „ракети и бомби“, туку преку „нудење хуманитарно засолниште“ за членовите на МЕК, на кои им се заканува „диктаторски режим“.