„Меѓународен сојуз“ – Бизнисмен тврди дека на Боки 13 му дал 350.000 евра во кеш

29

Со сведочењето на менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, кој пред Судот изјави дека „на Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

„Дополнително, на фактура на невладината, компанијата Дрим Билдинг, исплати уште 15 милиони денари“, сведочеше Лога, додавајќи дека верувале оти проектот ќе биде успешен.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Сведокот Лога на денешното рочиште рече дека стекнале доверба бидејќи во проектот „гледале луѓе од Владата“.

„Довербата ја стекнавме дека имаше и луѓе од владата, како Фросина Ременски, на состаноците повремено присуствуваше и Александар Кирацовски и кога тие ги гледате имате доверба дека проектот ќе се реализира“, изјави во судницата Ресул Лога.

На рочиштето одржано на 24 март 2021 година, уште еден сведок во случајот го обвини Бојан Јовановски за измама. Тогаш дипломираниот инженер Јованка Стојановска – Кухар, во својство на сведок, во Судот изјави дека „на прво обвинетиот Бојан Јовановски, во случајот „Меѓународен сојуз”, дала околу 250 илјади евра со цел на инвестиција, а парите што ги дала ги собрала со тоа што „си ги продала становите во Скопје и во Словенија“. Таа пред Судот тврдеше дека парите ги дала на доверба, но била измамена иако никогаш не помислила дека нешто такво ќе се случи.