Меџити попушти, ќе гласа „за“ новата влада, Ахмети го има последниот збор

7

Изет Меџити, пратеникот на ДУИ од огранокот Чаир денеска изјави дека ќе гласа за новиот состав на владата, без разлика на несогласувањата кои се појавија во ДУИ од неговиот и од огранокот од Сарај.

Во изјавата за медиумите пред почетокот на денешната собраниска седница, Меџити вели дека има забелешки за извршната власт, но по долгите дебати во партијата вели дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

Тројца пратеници се избрани од Чаир и Сарај, па беше неизвесно дали коалицијата СДСМ, ДУИ и ДПА го имаат потребното собраниско мнозинство од најмалку 61 глас. Според информациите од медиумите на албански јазик главното незадоволство било насочено кон предлогот Бујар Османи да биде шеф на дипломатијата, а Артан Груби, прв вицепремиер.

Ахмети вчера изјави дека нема да има промени во листата на договорените кандидати со мандатарот Зоран Заев за извршната власт.

Мандатарот Заев денеска најави дека утре наутро ќе го поднесе до Собранието предлог- составот за нова влада и владината програма.

По ова на пратениците ќе им бидат ставени неколку дена да се запознаат со кандидатите и владината програма. Собраниска седница најверојатно ќе има в сабота, а гласањето, според Деловникот треба да заврши в недела до полноќ.