МЗТ Скопје го испрати во пензија човекот кој една деценија го предводеше клубот (ФОТО)

7

Екипата на МЗТ Скопје вечерва, против босанскиот тим ОКК Спарс, го игра последниот меч во 2019 година, кој управата на клубот го искористи како можност и официјално во пензија да го испрати поранешниот долгогодишен директор, Видоја Секуловски.

Станува збор за човек кој речиси една деценија го предводеше тимот од „Јане Сандански“, а чиј мандат почна токму во најкритичниот период на клубот кога во септември 2009 година се организираше марш за спасот на гордоста на Аеродром. Тој на челото на МЗТ Скопје беше од 2009 до 2018 година, кога на негово место дојде сегашниот предводник на „металците“, Тони Грнчаров“, кој вечерва му подари дрес со потписи на сите кошаркари. Капитенот Дамјан Стојановски, пак, му подари топка исто така потпишана од сите негови соиграчи.

Секуловски е долгогодишен кошаркарски работник, кој најголем дел од кариерата ја мина како тренер на повеќе женски екипи, а најмногу на Вигор Скопје. Извесен период беше и селектор на женската репрезентација на Македонија.

МЗТ Скопје, инаку, одигра променливо во првото полувреме со Спарс (38-32), откако противникот поведе со 23-10 пред крајот на воведната четвртина.