Мигрантите на турско-грчката граница губат надеж: „Препуштени сме им на кучињата“

6

Кога Савсан ал-Мусава минатата недела слушнала дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ги отворил турските граници за мигрантите да преминат во Европа, оваа Сиријка со своите четири деца излегла од бегалскиот камп во источна Турција и се упатила кон грчката граница.

Шест дена подоцна, Мусава со своите деца, меѓу кои и два сина со церебрална парализа, се нашла на автобуската постојка во пограничниот град Едрене, уморна, фрустрирана и лута затоа што нивниот сон за нов живот во Европа нагло се распрснал на границата со ЕУ, пишува Ројтерс.

„Зошто Ердоган го стори ова ако знаеше дека Грција нема да дозволи да преминеме?“, праша таа, седејќи на килим покрај куп вреќи полни со облека и пелени.

Илјадници мигранти од Сирија, Авганистан, Иран, Пакистан и Африка кампуваат по должината на границата меѓу Турција и Грција – два НАТО-сојузници чии односи дополнително се затегнати поради мигрантската криза.

Ројтерс вели дека сега многу мигранти се збунети и не знаат што да прават.

Некои, како што е Мусава, ја потрошиле својата мизерна заштеда на патувањето од бегалскиот камп во близина на југоисточниот турски град Газијантеп до Едрене во северозападниот дел на земјата, во близина на Грција и Бугарија.

Други почнале да се качуваат во автобуси за да се вратат во местата низ цела Турција каде што привремено се населиле, работејќи понижувачки работи.

Мажите, жените и децата во надеж седат на бреговите на реката Марица, јадејќи бисквити, чипсови и пиејќи сокови што им ги поделиле хуманитарните групи и локалните добротворни организации.

Семејствата запалиле огни во кампот додека плачот на бебињата се меша со повикот за молитва, ја опишува атмосферата Ројтерс.

Турската полиција го затвори главниот мост во селото Едрене кон грчката граница за мигрантите и новинарите и им дозволи само на локалните жители да поминуваат.

„Ердоган нè користи за да изврши притисок врз ЕУ да даде пари“, вели Тамам Срмини, 21-годишник од сирискиот град Алепо. „Но мора да пробаме. Немаме друг избор. Немаме иднина во Турција“.

Тој со шест Сиријци го поминува полето користејќи мапи на мобилните телефони, со надеж дека ќе најдат место каде што ќе можат да ја преминат границата.

Под металниот железнички мост, комбиња ги собираат африканските мигранти и ги транспортираат до границата. Селаните во близина непречено ловат риби.

„Тоа се шверцери“, рекол за Ројтерс Мухамед Шмбати од Судан. „Тие земаат по 50 (турски) лири по човек, како да не е доволно тоа што турската влада нè користи како пиони. Жените и децата не можат да одат по овој пат, затоа го користат тоа“.

Турција тврди дека не побарала од ниту еден сириски бегалец да замине.

„Ако одлучат да останат, може да останат. Ако решат да одат, може да го сторат тоа “, рече директорот за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун.

На автобуската станица, Мусава го моли својот братучед Тахре, кој ѝ помогнал да стигне до границата, да ги избрка уличните кучиња, кои се обидуваат да ги отворат торбите со храна.

„Препуштени сме им на кучињата“, рече таа.