Милан донираше 250.000 евра за борба против коронавирусот

5

Фудбалскиот клуб Милан синоќа објави дека донирал 250.000 евра за тимот за брза медицинска реакција во борба против коронавирусот.

Италија е сериозно опфатена од опасниот вирус, а вчера сите спортски активности во земјата беа суспендирани поради зголемениот број на нови заразени лица. „Росонерите“ исто така ќе им ги вратат парите на сите навивачи кои имаа купено билет за натпреварот со Џенова изминатиот викенд што се играше пред празни трибини поради коронавирусот, како и на оние навивачи кои имаат купено сезонски билети.

Клубот информираше дека навивачите ако сакаат можат да ги донираат парите од билетите за тимот за брза медицинска реакција во Ломбардија.

„Во животот има поважни работи од фудбалот. Во моменти кога сите мораме да се грижиме за оние кои се најранливи, мораме да реагираме најодговорно и да ги слушаме препораките на властите. Во име на клубот горд сум што можеме да помогнеме на оние кои се грижат за нашето здравје во овој регион“, изјави првиот оперативец на Милан, Иван Газидис.