Милијардерот од „Гугл“ се разведува од сопругата поради нејзината афера со Илон Маск

0

Илон Маск/Никол Шанахан/Сергеј Брин/Фото: EPA/PETER FOLEY Твитер/Профимедиа
Коосновачот на „Гугл“, Сергеј Брин, еден од десетте најбогати луѓе во светот, поднел барање за развод од Никол Шанахан, најверојатно поради нејзината кратка романса со милијардерот Илон Маск, пишува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори.

Маск е, инаку, долгогодишен пријател на Сергеј.

Сергеј во јануари годинава поднел барање за развод, за што пишуваа медиумите, иако не ја знаеја причината, тврдат британските медиуми.

Како што велат пријателите на Сергеј и Никол за „Волстрит журнал“, нејзината романса со основачот на „Тесла“ е причина за разводот. Додаваат дека сега им е јасно зошто Илон често барал да преспие во куќата на својот пријател Сергеј.

Оваа афера, според нивните изјави, довела до ненадеен крај на долгогодишното пријателство на Илон и Сергеј.

Не е јасно колку долго траела романсата, но наводно се случила истиот месец Маск добил ќерка со својата поранешна девојка Грајмс, и еден месец откако тајно станал татко на близнаци со извршната директорка на својата фирма, стартапот за вештачка интелигенција „Неуралинк“, Шивон Зилис.

Наводно, прељубата се случила на престижниот саем за уметност Арт Базел во Мајами. „Волстрит журнал“ пишува дека Брин и Шанахан во тоа време живееле заедно, но повеќе не биле во врска. Нивната врска наводно се влошила поради пандемијата на коронавирусот и несогласувањата околу воспитувањето на нивната тригодишна ќерка.

Сергеј, сепак, не открил зошто сакал да се разведе од Никол, туку само изјавил дека станува збор за „непомирливи разлики“. Ко-основачот на „Гугл“ побарал заедничко старателство над нивната ќерка која ја добиле во 2018 година, а наводно се обидел да ја скрие вистината од јавноста за неговата ќерка да не биде жртва на вознемирување.

Инаку, пријателството на двајцата милијардери траело со години, а Сергеј во 2008 година дал 500.000 долари за поддршка на финансирањето на компанијата „Тесла“, во врвот на финансиската криза.

Откако како бомба одекна веста дека Сергеј Брин се разведува од сопругата поради него, Маск ги негираше наводите дека имал афера со Никол Шанахан.

На Твитер, како одговор на една од објавите за наводната афера, тој искоментира дека тоа е „тотална глупост“.

Тој рече дека тој и Брин сè уште се пријатели и дека „синоќа биле заедно на забава“.

„Никол ја видов двапати во три години и во тие два наврати околу нас имаше многу луѓе. Ништо романтично не се случи“, напишал Маск.

Сергеј Брин е седмиот најбогат човек во светот, а неговото богатство се проценува на 93 милијарди долари, па овој развод ќе биде еден од најскапите во историјата на Силиконската долина.