Милошоски: Заев да си оди и да се формира експертска влада

31

По вчерашните барања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за нови парламентарни избори, кога ќе се создадат услови, и за формирање влада за национален спас, денеска со сличен предлог се јави и ексминистерот за надворешни работи
Оваа Влада да поднесе оставка, а по сериозни консултации во Собранието и јавноста, да се формира експертска влада составена од стручни луѓе во секоја област, која би добила широка општествена доверба и поддршка за спроведување на план за излез од актуелната криза.

Ова, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи, е излезното решение по првата блокада што ја постави Бугарија за евроинтеграцискиот процес на земјава, како и за „несоодветното менаџирање ковид-пандемијата“.

„Во македонското општество, Заев станува фактор на недоверба меѓу поголемиот број граѓани. Владиниот тим нема капацитет да понуди излез од оваа политичка и економска криза и да изгради широк политички и национален консензус за нова стратегија за стабилен напредок и функционални институции“, напиша Милошоски на фејсбук.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера предложи формирање влада за национален спас, повикувајќи се на идеја што ја презентирала Алијансата за Албанците.