Милошоски пак ги повика Османи и Димитров на дискусија за разговорите со Бугарија

14

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски повторно ги покани вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се појават пред пратениците и да ги објават предлог-документите (анекси, акциони планови) кои се разменети помеѓу Софија и Скопје по однос на Договорот.

Милошоски во писмото до Димитров и Османи им порачува, согласно нивната агенда, да кажат кој термин би им одговарал во периодот од 15 до 29 јануари да се појават пред Комисијата за да дискутираат по оваа тема, со цел да се заземе институционален став по предложениот анекс „како битно надворешно-политичко прашање“.

„Пратениците, како претставници на граѓаните имаат право да бидат запознаенисо најновиот развој на настаните во македонско-бугрските пдноси, а вие како претставници на извршната власт имате обврска да се појавите пред пратениците и да доставите информации на нивно барање, согласно начелото на поделба на власта и воспоставените стандарди во државите членки на ЕУ“, пишува Милошоски во писмото до Османи и Димитров.

Тој уште вели дека „сѐ додека за македонско-бугарските преговори се одбегнува институционална расправа во Собранието, сѐ повеќе истите ќе наликуваат на приватни пазарења на Заев со Борисов, на Бујар со Захариева или на Димитров со Каракачанов“.

„И додека секој од споменатите тера посебна кариерна агенда, ќе слушаме противречни ставови како ставот на Димитров дека од Бугарија треба да одмориме до март, ставот на Бујар, дека со Бугарија треба поинтензивно да се преговара и ставот на Заев дека, откако нѝ удрија вето за ЕУ, тој не знаел во што е проблемот со Бугарија“, додава Милошоски.