Министерски форум ЕУ – Западен Балкан: Продолжуваме да градиме високостандардизирани безбедносни и правни системи

23

„Во текот на Министерскиот форум имавме извонредна можност не само да ги реафирмираме нашите заеднички досегашни усилби за соработка и солидарност, туку и да размениме нови идеи и согледувања во насока на градење високостандардизирани безбедносни и правни системи кои ќе обезбедат мир, стабилност и безбедност на нашите граѓани“.

Oва го истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во својата изјава за медиумите на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи на Република Финска, Марија Охисало, и еврокомесарот за внатрешни работи и миграции Димитрис Аврамопулос, а по завршувањето на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од регионот.

Во трите работни сесии на Форумот, според министерот Спасовски, заедничките дискусии практично го потврдиле фактот дека ефективното гранично управување, борбата против криумчарењето на мигранти, борбата против тероризмот и против трговијата со луѓе и шверцот со дрога и оружје остануваат заеднички приоритети за Европската Унија и за земјите од Западен Балкан.

„Се согласивме дека тероризмот претставува глобална закана за безбедноста, а особено враќањето на странските терористички борци. За ефикасно решавање на наведените прашања од суштинско значење е тесната соработка и подготвеноста за споделување на сите релевантни информации како во однос на нивното откривање, така и во однос на нивното изведување на лицето на правдата“, подвлече Спасовски.

Инаку, министерот Спасовски учествуваше со обраќања во сите тематски подрачја предвидени на Форумот. Притоа, борбата против трговијата со луѓе, оружје и дрога беа во фокусот на дискусиите, при што беше констатирано дека активностите мора да бидат придружени со мерки за конфискација на криминалните приноси.

„На крајот би сакал да истакнам дека овој Министерски форум уште еднаш потврди дека споделуваме исти предизвици во областа на безбедноста кои единствено можат да се решат со заедничка соработка и цврсто партнерство со земјите од Европската Унија“, нагласи министерот Спасовски.

Министерката за внатрешни работи на Финска, Мариа Охисало, се заблагодари на извонредната соработка и одличната организација на форумот.

„Разменивме ставови за овие важни теми, а соработката на Европската Унија со балканските партнери продолжува. Воедно, ја поздравуваме досегашната одлична соработка на земјите од Западен Балкан со ЕВРОПОЛ. Впрочем, заштитата на безбедноста на граѓаните е клучен приоритет“, рече Охисало.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос, изрази благодарност за гостопримството на овој Министерски форум и нагласи дека Европската комисија има блиска соработка со земјите од Западен Балкан и ги координира активностите.

„Сите земји од овој регион се свртени кон перспективата да станат членки на ЕУ. Заеднички работиме на повеќе полиња, меѓу кои и на прекинување на мрежите на криумчарење мигранти. Европската Унија ќе продолжи да ги поддржува земјите од Западен Балкан во јакнење на нивните капацитети за справување со предизвиците“, подвлече Аврамопулос.