Министрите за надворешни работи на Велика Британија и на САД ветија дека поддршката за Украина ќе продолжи колку што е потребно

17

 

Велика Британија и САД ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината борба против Русија „колку што е потребно“, пренесе ДПА.

По средбата во Вашингтон со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја поздрави одлуката на Велика Британија да му ги достави на Киев основните борбени тенкови на британската армија „Челинџер 2“.

Тој посочи дека САД ќе објават дополнителни најави во наредните денови. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин ќе биде домаќин на разговорите со клучните сојузници во базата Рамштајн во Германија подоцна оваа недела.

– Ние постојано го обезбедуваме она што и е потребно на Украина и тоа го правиме на начин што ни овозможува да одговориме на фактичката ситуација на бојното поле. Ние сме решени да се погрижиме Украина да го има она што и е потребно за да успее на бојното поле, изјави Блинкен.

Велика Британија вети дека ќе испрати 14 тенкови, а украинскиот претседател Володимир Зеленски побара околу 300 модерни западни борбени тенкови за неговите сили да можат да започнат офанзива против рускиот агресор.

Во пракса тоа веројатно значи американски тенкови Абрамс и германски Леопард 2.

Клеверли, кој е во посета на Вашингтон, ги пофали досегашните напори на САД, истакнувајќи дека тие се најголемиот обезбедувач на помош – и воена и економска – за Украина.

Тој рече дека САД и Велика Британија работат „рака под рака“ – заедно со другите сојузници – од почетокот на конфликтот за да и ја дадат на Украина потребната поддршка.

– Никогаш досега Русија не била поизолирана, а Атлантската алијанса пообединета, рече тој.

– Ако Путин мислеше дека светот ќе се умори од Украина и ќе ја изгуби волјата да се спротивстави на неговите амбиции, тогаш тоа беше уште една погрешна проценка од негова страна, додаде Клеверли.