Министрите на НАТО ќе расправаат за ставовите на Макрон во „Економист“

8

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска се среќаат во Брисел, на состанок за кој официјални претставници велат дека нема да биде како претходните.

-НАТО неодамна помина низ тешки стрес-тестови“, изјави германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, додавајќи дека денешната средба во Брисел е добра за директни разговори меѓу сојузниците.

-Веќе 70 години, НАТО е еден вид животно осигурување во Европа. Ќе се погрижиме тоа да остане така и натаму. Затоа мора да ја зголемиме европската одговорност во безбедносната политика. И, не треба да заборавиме на тоа што го одржуваше НАТО силно 70 години- непроменливата трансатлантска врска. Истовремено треба и да го зајакнеме НАТО политички – во структуриран процес, изјави Мас.

Мас денеска се очекува да предлогожи формирање експертска група предводена од генералниот секретар на НАТО која би се занимавала со политички дискусии во однос на стратегијата на Алијансата. Овој потег е делумно реакција на неодамнешните коментари на францускиот претседател Емануел Макрон, кој за „Економист“ изјави дека „нестабилноста на нашиот американски партнер и зголемувањето на тензиите значеа дека треба да се размислува за идејата за европска одбрана “ и дека „ние ќе дојдеме во одредена етапата треба да го преземеме НАТО “.

Американскиот амбасадор во НАТО, Кеј Бејли Хачисон вчера ги предупреди лидерите на ЕУ дека не можат сами да управуваат со безбедносните закани во светот, објави Политико.

„Не се согласуваме со оценката на претседателот Макрон за НАТО“, рече Хачисон на прес-конференција. „И јас верувам дека НАТО е од суштинско значење доколку сакаме заеднички да правиме проценки на ризиците со кои се соочуваме. Размислувањето дека една земја или една група земји може да се соочи со огромните ризици по нашето население дури не е ни рационално”, додаде американскиот амбасадор во НАТО.

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска се очекува и вселената да ја признаат како „оперативен домен“, покрај воздухот, копното, морето и сајбер просторот.

-Овој потег „ќе биде јасен знак дека ние продолжуваме да ја зајакнуваме нашата одбрана во сите области“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред новинарите вчера. „НАТО нема намера да носи оружје во вселената. Но, треба да се осигураме дека нашите мисии и операции имаат соодветна поддршка“.

Меѓу останатите теми на дискусија на денешниот состанок се и борба против хибридни закани, борба против тероризмот, Русија, Кина и контролата на оружјето.

Исто така, на агендата се и усвојувањето на првата политика на НАТО против сексуална експлоатација и злоупотреба, која ќе постави стандарди за војниците и персоналот на Алијансата. Оваа политиката е во контекст на иницијатива за родова еднаквост.