Митревски: За измените во Изборниот законик ќе се расправа надвор од собраниската зграда

10

Расправата за измени на изборниот модел односно за измени на Изборниот законик ќе се одржи надвор од Собранието, а датумот и местото дополнително ќе бидат соопштени, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.

Јавна расправа по дефиниција на Деловникот, како што кажа сега не може да се одржи.

– Двата изборни закони се носат по скратена постапка. Со оглед на тоа што веќе е закажана Комисијата за разгледување на законите, до кога е и рокот за поднесување на амандмани, а логиката на јавната расправа е со цел да се сумираат мислењата и да се добијат насоки за доставување на амандмани, во оваа насока нема деловничка можност за одржување јавна расправа по дефиниција од Деловникот во Собранието, рече Митревски, додавајќи дека расправа ќе се одржи.

Прочитајте и… Арсовска и Мандела во Глобалниот комитет на жени лидери
За датумот и часот на одржувањето на расправата ќе информира претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски.

– Мислам дека ќе биде надвор од собраниската зграда и ќе бидат поканети многу експерти од оваа област, рече Митревски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ не одговори директно на прашањето дали друг парламентарен состав ќе донесе измени на изборниот модел, туку оти се надева дека партиите ќе го променат својот став.

– Ние уште еднаш ги повикуваме сите политички партии да се вклучат во носењето на измените, рече Митревски.

Тој нагласи дека пратениците од СДСМ се уште ја немаат добиено информацијата на ВМРО ДПМНЕ за загадувањето, а кога ќе ја видат, ќе го кажат своето мислење за неа. Генерално, според Митревски, СДСМ е за дебата во Собранието за загадувањето на воздухот, тема за која што денеска ќе се расправа и на Националниот совет за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.