Мицевски: Власта сака со европско знаменце да го протне Законот за марихуана

6

Власта преку владејачкото мнозинство во Собранието има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го европското знаменце, со цел законите да бидат донесени без отворена дебата и суштинска дискусија, изјави на прес-конференција во Собранието шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Тој нагласи дека меѓу законите на кои им е ставено знаменцето е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги попознат како закон за марихуана.

„Колку за информација, овој предлог-закон, за марихуаната, власта предводена од Заев упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана“, рече Мицевски.

Тој додаде дека европско знаменце е ставено и на обемниот Закон за парнична постапка кој што има повеќе од 500 членови.

„За да биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно пет стотините. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта“, нагласи Мицевски.

Според него, спорено е и законското решение за Академијата на судии и јавни обвинители, кој пред десетина дена бил повлечен од редовна постапка и „волшебно преку ноќ добил европско знаменце“, зашто некому му се брзало со избор на нови судии и обвинители.

„Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не не се повлечат од налудничавите идеи, је го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат пред интересите на граѓаните“, рече Мицевски.