Мицевски: Собранието мора да биде спремно да ги слушне и реакциите на граѓаните, експертите, невладиниот сектор

2

„На денешната координација свикана од Претседателот на Собранието Талат Џафери ние ќе присуствуваме со една единствена цел, а тоа е да ги повториме ставовите и барањата на нашата пратеничка група“ порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој истакна дека „иако испративме писмо до Талат Џафери, за кое ја известивме и јавноста, се уште намаме никаков одговор за нашите барања и токму затоа денес истите барања ќе му ги соопштам лично на Џафери“.

„Бараме да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ. Листот хартија што Владата го нарекува Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за преговори помеѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години. Тоа е класична деградација на интегритетот и интелектот на секој пратеник“ вели Мицевски.

Тој порача дека „Собранието мора да биде спремно да ги слушне и реакциите на граѓаните, експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни и да организира дебата и разгледување на овој предлог“.

„Мора да се даде време и на работните групи кои се формираа во Собранието, да ги разгледаат сите документи кои ги има Владата, но и сите можни предлози со цел овој процес да го направиме што е можно потранспарентен. Ваквото брзање може само да не доведе до слепа улица од која враќање назад нема“ е ставот на Мицевски.