Мицевски: Џафери да закаже итна седница за законите за ДДВ и акцизи што ги достави ВМРО-ДПМНЕ

1

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска поднесе барање до собранискиот претседател Талат Џафери за закажување итна седница, на чиј дневен ред ќе се најдат поднесените закони од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на законски измени за Законот за ДДВ и акцизи.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска изјави дека бараат оваа седница да биде свикана што е можно поскоро, оти како што кажа, секоја помината минута откако владата реши да не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните продукти, претставува невидена голгота за граѓаните.

„Нашите граѓани страдаат, доведени се до ситуација да очекуваат некој нешто да преземе, бидејќи со ситуацијата во која владата ги стави можат да преживеат едвај една недела, а не цел месец“,изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Мицевски потсети дека со предлог-законите кои вчера беа поднесени до Собранието, се предвидува акцизата за горивата да се преполови и да изнесува пет отсто, наместо актуелните 18 проценти, а прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на 2022г.

„Го повикуваме собраниското раководство веднаш да ја закаже итната седница“,напомена Мицевски.
Од партијата велат дека со донесување на предлог-законот за нула отсто ДДВ за прехранбените производи и пет отсто ДДВ за горивата до крајот на годинава, ќе се превенира дополнителен раст на цените на основните прехранбени продукти. Затоа, како што велат, бараат колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владејачката елита.