Мицковски обвинува, Заев негира поврзаност со „Рекет“

4

Премиерот Заев негира вмешаност во „Рекет“. Во интервју за радио слободна Европа вели дека тој не е под истрага и бара да се објави ако има негова поврзаност со случајот. Смета оти во „Рекет“ директно вмешана е опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Ветингот може да го стартуваме, на претходно јасно утврден модел каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување, со конечна цел да направиме едно комплетно растресување и промена на менталното однесување во правосудството. Тоа паралелно треба да се случува и со државната власт, но би рекол и во други сегменти во општеството“, вели Заев.

Мицкоски во интервју за Курир вели дека Заев со случајот „Рекет“ прави брутален притисок врз правосудството и се обидува да ја заштити поранешната специјална обвинителка.

„Очигледно Катица Јанева знае премногу, па Заев потрча да ја ослободи од ефективен притвор, под образложение кое треба сите да не натажи дека била невработена, но нема тага кога земала илјадници евра од државата и била преплатена. Јас бев првиот кој побара и се уште бараме истрага за трошењето на парите од страна на СЈО и испитување на сомнежот за злоупотреби кои се правеле“, вели Мискоцки.

Според лидерот на опозицијата, најавениот ветинг во правосудството нема да ги реши проблемите се додека Заев е на власт.. Премиерот пак уверува дека процесот ќе се води без мешање од политичарите, а испразнетите места ќе се пополнуваат со кратење на рокот на учење во академијата за обвинители и судии.

„Испадна дека на крајот тоа што го слушаме од медиумите како разработуваат одредени материјали, дека Орце Камчев којшто е вклучен во ваквиот случај на давањето поткуп, или како што некој вели рекетирањето, испаѓа дека тој давал сериозни донации за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е влезена во тежок криминал, и тоа на последните избори кога се конструирал самиот случај Рекет“, вели во интервјуто премиерот Заев.

„Какви и обвинители и судии да имате, кога од другата страна има премиер како Заев тој ќе си најде канал за реализација на својот политички интерес. Онаа претстава која ја прават за наводна кавга помеѓу Русковска и Апелација, е само за да се дисперзира одговорноста од Владата и Заев и да се локализира и помисли дека проблемот е помеѓу одредени судии и обвинители кои ја изигруваат и владата“, вели Мицкоски.

Тој додава оти неопходни се реформи во правосудството ослободени од стегите на политиката.. За премиерот Заев пак спроведените реформи даваат резултатити но се не доволни за очекувањата кои ги имале граѓаните.