Мицкоски: Веднаш да се прогласи кризна состојба, а потоа ако има потреба и вонредна состојба

15

Едногласно со консензус донесовме одлука дека одржување на предвремените парламентарни избори треба да се одложи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршувањето на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.

– Сега треба да се најде правна основа како сето тоа да се реализира. Важно е да се почитуваат Уставот и законите, бидејќи на состанокот имаше предлози да се свика Собранието, а ние сметаме дека тоа не може да се случи во овој момент. Нашиот став е дека е потребно веднаш по лидерската средба да се формира експертски тим кој ќе донесе правна одлука која ќе значи одложување на изборите. Експертскиот тим ќе го избере претседателот Пендаровски, а на состанокот ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Таму ќе се одлучува како треба да се одложат изборите, како и начинот како да се одреди новиот датум – рече Мицкоски.

Во поглед на пандемијата од коронавирусот, тој рече дека неговата партија уште пред седум дена апелирала да се прогласи кризна состојба на целата територија на државата.

– Сметам дека веднаш треба да се прогласи кризна состојба во времетраење од 30 дена, а дури потоа, ако е потребно, да се прогласи и вонредна состојба. Ние остануваме на нашите ставови дека главен приоритет е здравјето на граѓаните и справувањето со пандемијата од коронавирусот. Ние уште пред седум дена побаравме да се прогласи кризна состојба. Свесни сме дека таков институт не постои во Уставот, но затоа постои закон за справување со кризи. Нека се прогласи сега кризна состојба од еден месец, а ако експертите подоцна проценат дека е потребна вонредна состојба, тогаш нека прогласат – рече Мицкоски.a