Мицкоски: Криминалот и корупцијата се продлабочуваат, неопходни се избори и нови луѓе

9

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека со Владата и лицата кои се на чело на институциите, криминалот и корупцијата може само да се продлабочуваат и затоа се потребни избори и нови луѓе кои ќе ги водат институциите во борбата со криминалот и корупцијата.

-Со овие луѓе во овие институции не само што нема надеж, туку корупцијата и криминалот може само да се продлабочуваат. Човекот кој седум години е на чело на Министерството за внатрешни работи, Владата која што повеќе од пет години е Влада, и партијата која што е дел од таа Влада повеќе од 20 години и кои што се причината за криминалот и корупцијата во Република Македонија не можат да бидат решението. Така што било кој тим на истражители треба најпрвин да почне од Владата, затоа јас велам што побрзо имаме предвремени парламентарни избори со нови луѓе на чело на тие институции толку побргу ќе дојдеме до решение за овој криминал и корупција, изјави Мицкоски по денешната посета на општина Аеродром, каде се одржа настанот „Твојата идеја за промени“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ предложи Царина, МВР и УЈП да извадат листа од последните пет години на луксузни возила со цена на чинење повеќе од 50 илјади евра, кои се сопствениците на тие возила. Потоа преку УЈП нека се провери годишната даночна пријава на тие луѓе како се стекнале со тие пари за да ги купат тие луксузни возила. Предложи Катастар и УЈП да проверат кои се сопствениците на луксузни станови со вредност на чинење поголема од 100 илјади евра и да ги проверат нивните годишни даночни пријави, како ги заработиле тие пари. Според него, ако ова се спроведе ќе се увиди каде има корупција и криминал, кои се сопствениците, како се стекнале со тој имот…

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече Владата да обезбеди пари преку трансфер или позајмица до Град Скопје и тие да ги исплатат обврските кон приватните превозници. Место парите да завршуваат кај луѓе кои, како што рече, се блиски до СДСМ, роднини на Арсовска или луѓе од сметководствениот бизнис, од рабатот за нафта која што ја набавува ЈСП „Скопје“, да завршат во ЈСП за да ги исплати обврските кон приватните превозници.

Според него, Арсовска треба да го поништи постоечкиот тендер за набавка на нафта во ЈСП „Скопје“ на кој не е понуден, како што рече, рабат и на новиот тендер да се повикаат сите компании кои тргуваат со нафта во земјава, па наместо парите од рабатот кој треба да го понудат компаниите да завршува во нечиј џеб, да останат кај граѓаните.

Мицкоски смета дека со новите мерки на Владата нема реални намалување на цените и апелираше што побргу законските решенија да дојдат во собраниска процедура. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи за, како што рече, реално пред празниците граѓаните да почувстуваат намалени цени на производите.