Мицкоски од Инфективна: Ова што го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен

40

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веќе 13 дена е позитивен на Ковид-19. Од Инфективната клиника каде е хоспитализиран, утрово го сподели искуството, напиша како се чувствува и како се бори. Мицкоски вели дека поминал исклучително тешки 12 дена. Сепак веќе му кажале дека излегува од таканаречена цитокинска бура, а интерлеукин 6 се намалувал.

„Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам. Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен. Сакам да упатам јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје. Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови, пишува Мицкоски.

Во постот упатува и критики до Владата за тоа што не е започнат процесот на вакцинација.

„Жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу. Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини. Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност, пишува Мицкоски.