Мицкоски: Пендаровски не ме покани на новогодишното обраќање, а министрите не беа кај него зашто нема таква пракса

6

Нема пракса министрите по изборот во парламентот да одат на гости кај претседателот, најверојатно се посветиле на екипирање на кабинетот и планирање на активности, одговара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето зошто техничките министри од неговата партија, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, вчера не беа со останатите министри и техничкиот премиер на прием кај претседателот Стево Пендаровски.

Мицкоски пред да одговори за министрите, потсети и дека тој во минатото не добивал покани од Пендаровски за други настани.

„Претседателот Пендаровски, од протоколарни причини, не ме покани мене на неговата инагурација, не ме покани на новогодишното обраќање, претпоставувам исто од такви протоколарни причини и догодина ќе се обиде да го заобиколи лидерот на тогашната опозиција, но ќе видиме, можеби, протоколот тогаш ќе се подобри. Нема вообичаена пракса министрите по нивниот избор во парламентот да одат на гости кај Пендаровки и претпоставувам водени од таа невообичаена пракса одлучиле да се посветат на екипирање на нивните кабинети и правење план за нивните активности во периодот кој следува“, вели Мицкоски.

Вчера од кабинетот на Пендаровски објавија фотографија со новата техничка влада и во соопштение наведоа дека претседателот го честитал изборот и порачал дека очекува да се спроведат фер и демократски избори.

Од неговиот кабинет за „360 степени“ немаа коментар зошто Чулев и Мизрахи не се одзвале на поканата.

„На приемот не дојдоа министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Чулев и Мизрахи. За причините за отсуството, ве упатуваме да ги прашате нив“, ни одговорија од Кабинетот на Пендаровски.