Мицкоски: Поднесовме амандман со кој покрај минимална плата ќе растат платите на сите во јавниот сектор

4

Пратеничката група на опозицкската ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе амандман во Собранието на Законот за минималната плата со кој се бара доследно почитување на колективните договори и ќе се овозможи зголемување на платите во јавниот сектор.

Лидерот на партијата Христиојан Мицкоски, на прес-конференција, истакна дека не се завршува работата со едноставно зголемување на мининалната плата туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложеност на работната сила, а тоа, вели, подразбира почитување на постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се во сила.

-Каква е таа социјална правда кога Владата не ги почитува сопствените колективни договори? Бараме износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите каде основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата, вели Мицкоски.

Согласно ова барање, посочува, ако работник досега имал плата 15.200 денари а сега треба да има 18.000 денари, со нивелирање на платите, на пример наставник – приправник наместо сегашните 22.764 денари ќе зема 41.256 денари. Во средните училишта, професорите наместо сегашните 25.838 денари нето плата би требало да земаат според предлогот кој што го даваат 45.594 денари.

-Ова е во суштина предлогот на амандманот кој што денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го достави и очекуваме од страна на Владата, од страна на парламентарните партии да биде прифатен затоа што секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел на администрацијата имаме вработен, државата, Владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат преку личен пример овие коефициенти, односно примањата на вработените во државната и јавна администрација, рече Мицкоски.

За ова барање, додаде тој, партијата бара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност.

Мицкоски обвини и дека по поразот на локалните избори Владата одлучила да се одмаздува на граѓаните во тие општини каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници со тоа што свесно ги намалила, вели, дотациите за вработените во градинките, но и во основните училишта, а во Град Скопје и во останатите општини и во средните училишта.

Тој како пример посочува дека дотациите за платите во општините постојано растат од 2017 година, во 2021-та година, вели, кога се уште се надеваат дека ќе останат тие градоначалници да бидат таму каде што се, бројката расте за дополнителни 6.000.000 евра, и стигнала до вредност од 316.000.000 евра. А, во овој историски највисок рекорден буџет кој што го донесе Владата на ДУИ администрирана од СДСМ имаме намалување на дотациите за 4.000.000 евра и сега тие изнесуваат 312.000.000 евра.

Според него, за реализација на нивното барање има пари, а тоа е, вели, и законска обврска на Владата согласно колективните договори, само, како што рече, треба да престане да се краде и да запрат криминалните тендери.

-Повеќе пари ќе се ослободат во економијата и ќе има повеќе пари за сите, и за вработените кои што се дел од јавната и државна администрација, нормално доколку Владата одлучи да не продолжи со тоа што досега го правеа, а тоа е да се одмаздува на граѓаните и вработените во општините каде што градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ па да ги крати дотациите, вели Мицкоски.

На новинарско прашање дали чувствува одговорност за ниските плати во државава затоа што кога биле на власт трошеле на непродуктивни работи и ја задолжиле државата, Мицкоски одговори со повик да се одржат предвремени избори и доколку добие можност да раководи со Владата да покаже дали ќе биде подобро и дали ќе има повисоки плати.

– Јас многу пати сум дискутирал дека изминативе 30 години навистина Македонија некако како да не успеа, ама изминативе пет година навистина не успеавме. И се срамам понекогаш што морам да одговарам на прашања за туѓи неуспеси. Затоа велиме ајде да одиме на предвремени избори, да излеземе па да покажам јас доколку ја добијам можноста и честа да ја водам Владата дали ќе биде подобро и дали ќе има повисоки плати. Се надевам дека вие тогаш ќе ја поддржите програмата која што ќе ја понудам за ваша повисока плата, за повисока плата на вашето семејство и за подобра иднина на децата ваши, рече Мицкоски.