Мицкоски ќе се консултира со експерти за референдумското прашање

1

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ анализира како ќе гласи референдумското прашање на коешто граѓаните би го кажале своето мислење дали го прифаќаат билатералниот протокол со Бугарија којшто вчера го потпиша министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ако партијата собере 150 илјади потписи.

-Ова се сериозни работи сакаме кога ќе излеземе пред граѓаните, тоа да се темели на факти. Во периодот кој следи ќе консултираме експерти по уставно право, за јасно да дефинираме прашање со кое ќе излеземе, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, протоколот што вчера го потпиша Османи, е дипломатска капитулација и нокаут и ја отвора вратата за преговори за Албанија, но не и за Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Генчовска даде пример дека не го признава македонскиот јазик, дали ние ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик. Генчовска бара Бугарите да бидат во Уставот, а бара ние да се откажеме од Македонците во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет? Можам и други примери да дадам. Но во суштина зборуваме за дипломатски нокаут за Македонија. Има европска иднина за граѓаните на Албанија, не за граѓаните на Македонија, го коментираше протоколот Мицкоски.

Мицкоски всушност тврди дека утре нема да биде усвоена преговарачката рамка и дека меѓувладината конференција ќе се одржи по промената на Уставот, за која Мицкоски вели дека нема да гласа.

-За да ги почнеме преговорите, ќе треба да се промени Уставот, па да се свика Меѓувладина седница, па да биде усвоена преговарачката рамка. Дека нема да биде сменет Уставот, доказ се 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, плус пратениците на опозицијата. Преговарачката рамка не е усвоена, бараме да биде променета“, додава Мицкоски.