Мицотакис: Без прескокнување, прв приоритет на ЕУ треба да е решение меѓу Бугарија и С Македонија

1

За евентуалната ЕУ перспектива на Украина и Молдавија, меѓу другото, говореше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на дискусија во рамките на 27-от Конгрес на Европската народна партија во Ротердам, каде што истакна дека сепак не смее да се попречи редот, да не се заборави Западен Балкан, посочувајќи дека прв приоритет е решавање на прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија за да започнат преговорите со ЕУ.

Мицотакис објасни дека за еден месец ќе се одржи дебатата за идното членство на Молдавија и Украина во Европската унија, потенцираше дека дискусијата „нема да биде лесна, бидејќи веќе чувствуваме дека има различни ставови во Европскиот совет”, но и дека го очекуваат мислењето на Европската комисија.

Додаде дека „ако навистина постои свет пред и по 24 февруари, ова мора да биде земено предвид кога размислуваме во однос на тоа колку сакаме да бидеме отворени за да им понудиме кандидатски статус на овие земји”.

-Од друга страна, не смееме да го заборавиме Западен Балкан. Ова е тема што длабоко не допира. Треба да бидеме сигурни дека нема да испратиме сигнал дека редот е попречен. И првиот приоритет што го имаме во овој поглед е да обезбедиме решение на отвореното прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија, за да можеме, како Европска Унија, да ги започнеме релевантните преговори со Северна Македонија и Албанија, рече Мицотакис.

Посочи дека мора да се препозна уникатноста на она што се случи во Украина, но без да се заборави фактот дека има и други земји во овој процес.