Мицотакис: Ја отвораме земјата за туристи, но не смее да заборавиме на опасноста од вирусот

7

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги повика граѓаните да се придржуваат кон превентивните мерки против ковид-19, особено сега кога, како што рече, земјата постепено се отвора за посетители, јави дописничката на МИА од Атина.

„Сите заедно успешно се справивме со првиот бран на ковид-19, но опасноста не помина и не треба сега, кога е лето, да се заборавиме. Опасноста од коронавирусот е сè уште тука. И сега, кога постепено ја отвораме Грција за посетители, треба да внимаваме уште повеќе. Веќе сите ги знаеме мерките на заштита од коронавирусот, но лесно е да се заборавиме. Ова не смееме да дозволиме да се случи“, порача Мицотакис преку социјалните мрежи објавувајќи ново видео со совети за заштита од коронавирусот.

Едноминутното видео ги потсетува Грците на основните мерки за лична заштита, често да ги мијат рацете, да не го допираат лицето, да го одржуваат потребното растојание, а доколку тоа не е можно, особено во затворени простори, да се користи маска.

Како мерка за спречување на вирусот Грција од денеска воведува задолжителен негативен тест за ковид-19 за сите што ќе пристигнат во земјата со авион од Бугарија и Романија.

Тестот не смее да биде постар од 72 часа пред патувањето.

Одлуката донесена „врз основа на анализа на епидемиолошките податоци“ е идентична со онаа што се однесува на пристигнувањата по копнен пат преку граничниот премин Промахонас (Кулата), односно и за влез во Грција од Бугарија, задолжителен е негативен тест за коронавирусот.