Младиот човек чие тело беше пронајдено во Дунав е Матеј Периш, позната е и причината за смртта

7

Младиот човек чие тело е пронајдено во Дунав е Матеј Периш. Според српски „Телеграф“, ДНК анализата докажала дека се работи за исчезнатиот жител на Сплит. Причината за смртта е давење, покажала обдукцијата.

Неговото тело било извлечено од морнари вчераутро околу 9 часот и 30 минути. Телото е пронајдено на местото наречено Ада Хуја, а ДНК анализата ја нареди Вишото јавно обвинителство во Белград.

Телото на младиот човек го пронашол капетан на брод, Милован Зеленовиќ.

„Одевме по палубата и видовме како водата носи тело. Ветерот го донесе, пловеше низводно по Дунав. Потоа пристигна полицијата. Телото беше во фаза на распаѓање, едно момче кое помина, провери на интернет и виде дека е облечен исто како Матеј Периш. Имаше една бела патика и црна маица. Кога човек ќе се удави тој е свртен со телото кон долу“, рече Зеленовиќ.

Таткото на Матеј, Ненад Периш, вчера во неколку наврати стави до знаење дека починатиот помлад маж најверојатно е неговиот син.

Телото е пронајдено четири и пол месеци по исчезнувањето на сплиќанецот. Матеј исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември. Истрчал од клубот „Готик“, трчал низ белградските улици, се обидел да запре такси, а потоа, како што може да се види на снимка од надзорната камера на ресторанот „Саванова“, се спуштил по скалите кон Сава. Но, не се гледа дека влегол во водата.

После тоа почна голема потрага, а српската полиција со недели вршеше увид во Сава и Дунав. Истрагата беше проследена со бројни шпекулации, но и теории на заговор.