ММФ: Економијата со солиден раст, да се остане на патот на реформите

6

Во последните години властите повторно го оживеаја моментумот на реформи. Економијата влезе во период на солиден раст и стабилност по долготрајната политичка криза. Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година. Но, од суштинско значење е да се остане на патот на реформата со цел дополнително да се зајакне отпорноста на економијата на шокови и трајно да се зголеми нивото на приходите.

Ова го оценува Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд што минатата недела престојуваше во земјава.

Клучните институционални реформи, како и оние од областа на управувањето ја покажаа нивната посветеност за справување со долгорочните предизвици. Уште повеќе, зајакнати се рамките за пензиски и социјални трошења, додека оданочувањето беше направено поправично, со што се подобрува одржливоста на јавните финасии. Со овие активности, властите стекнаа значителен кредибилитет на политиките и економијата повторно се опорави, наведуваат во заклучната изјава од ММФ.

Според тимот на ММФ, останувањето на патот на реформите ќе помогне во одржувањето на кредибилитетот на политиките.

Мисијата на ММФ препорача да се искористи овој период на солиден раст за да се обнови фискалниот простор, со цел да се зајакне способноста на економијата да се справува со идни шокови. Во овој контекст плановите за модифицирање на елементи од неодамнешните фискални реформи би можеле да поткопаат некои од придобивките кои веќе биле остварени. Одејќи напред, зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувњето на животниот стандарd ќе бара микс од фискална политика што е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи, се наведува во заклучната изјава на Мисијата на ММФ.

Според ММФ, растот се очекува да зајакнува во текот на оваа година придвижуван од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот и покрај забавувањето на меѓународната трговија.

Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година, што е одраз на привременото поттикнување од Буџетот за 2020 година и на повисоките плати. Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и во јавниот сектор и минималните плати, се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено доколку се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период, стои во извештајот.

Од ММФ посочуваат дека иако во последниве две децении растот беше солиден, тој не беше доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот помеѓу ЕУ и Македонија. Порачуваат дека за да се забрза изеднвачувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата.