Молдавија и Литванија воведуваат вонредна состојба

16

Молдавската претседателка Маја Санду денеска најави дека ќе прогласи вонредна состојба и дека нејзината земја ќе биде подготвена да прими десетина илјади лица кои доаѓаат од соседна Украина.

„Ќе им помогнеме на сите на кои им е потребна нашата помош и поддршка“, рече Санду.

Десетици автомобили биле паркирани денеска во колони на границата меѓу Украина и Молдавија, јавуваат молдавските медиуми.

Украинскиот парламент Врховната рада денеска го одобри указот на претседателот Володимир Зеленски за воспоставување воена состојба на територијата на целата земја, откако Русија започна воена операција во Донбас и гранатираше неколку градови во Украина.

И Литванија воведува вонредна состојба поради ситуацијата во Украина, пренесуваат агенциите.

Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда, потпиша указ за прогласување вонредна состојба во таа балтичка земја поради ситуацијата во Украина.

Вонредната состојба ќе стапи на сила кога ќе ја објави литванскиот парламент, пренесуваат агенциите.