Монографијата „Манчевски“ достапна бесплатно на интернет-страницата на Кинотека

Монографијата „Манчевски“ во издание на Арс Ламина-публикации од денеска е достапна преку интернет страницата на Кинотека, а заинтересираните ќе можат бесплатно да го симнат ексклузивното издание за Милчо Манчевски, еден од најзначајните и најнаградувани македонски режисери.

41

Монографијата „Манчевски“ беше промовирана во 2015 година, но сè уште предизвикува голем интерес кај читателите и љубителите на филмот.

„Повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект од кој произлезе оваа монографија, на уредникот и автор Марина Костова во 2018 година ѝ ја донесе наградата ‘Мито Хаџивасилев-Јасмин’, највисоката државна награда за новинарство и публицистика“, велат од Кинотеката.

Оттаму потсетуваат дека на 650-те страници, монографијата, компилација од текстови, белешки и фотографии, дава увид во досегашната кариера на еден од најоригиналните и најиновативни современи режисери и уметници.

„Аспектите на творештвото Милчо Манчевски како филмски автор, фотограф, концептуален уметник и писател во оваа книга се истражени низ продлабочени анализи на осуммина филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност од САД, Велика Британија, Германија, Австралија, Ирска, Шведска и Македонија“, велат од Кинотека.

Дизајнот на книгата е на германскиот графички дизајнер Матијас Хајпел.

За спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“. Филмскиот првенец на Манчевски, долгометражниот „Пред дождот“ (1994), го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во „Пред дождот“.

За „Прашина“ (2001) пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на ПРАШИНА (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на ПРАШИНА во Венеција“.

Катерина Колозова е автор на анализите „СЕНКИ на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За МАЈКИ на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“.

За ликовниот опус македонскиот режисер пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“, и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“.

„Голема збирка архивски факсимили-продукциски белешки, сториборди, писма, лични белешки, рецензии и интервјуа, исто така се дел од книгата, со намера да фрли светло врз процесот на работа на авторот, како и на приемот на неговото дело кај публиката и критиката. Овие архивски материјали, грижливо избрани од морето архивска граѓа, интегрално ја дополнуваат сликата за опусот на авторот“, велат од Кинотека.

Дел од книгата се и теориски есеи и проза на Манчевски кои го заокружуваат увидот во неговото творештво.

Што се однесува до меѓународна дистрибуција на монографијата, само во периодот од 2017 и 2018 околу 120 примероци се испратени до национални и универзитетски библиотеки, кинотеки, научни институции и академици во над 60 земји на сите континенти.

Од Кинотека истакнуваат дека книгата е веќе дел од колекциите на Британската библиотека (British Library), на Библиотеката на Конгресот на САД (Library of Congress), на Холандската кралска библиотека (Koninklijke Bibliotheek) во Хаг, Јавната библиотека при Центарот Помпиду во Париз (Bibliothèque Publique d’Information Centre Pompidou), на Француската кинотека (La Cinémathèque française), на универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Јеил, Харвард, Стенфорд, во Филмскиот центар на Јапонија, во националните библиотеки на Нов Зеланд, Јужна Африка, Тајван, Иран, Катар, Индија, Индонезија, Тајланд, Грција, Албанија, Израел, на универзитетски библиотеки во Австралија, Канада, Аргентина, Бразил, Доминканска Република, Кина, Русија, на библиотеката на легендарното списание за филмска уметност „Каје ди синема“ (Cahiers du cinéma), на Њујоршката јавна библиотека (NYPL), на Државната филмска академија на Куба во Хавана, во музејските библиотеки на МоМА и Метрополитен музејот во Њујорк.

„Ја има и во најдобрата книжарница во Њујорк ‘Сент Маркс букшоп’ (St. Mark’s Bookshop), како и на официјалната веб-страница на режисерот Манчевски. Од денес ја има и на веб страницата на Кинотеката на Северна Македонија, од каде можете бесплатно да ја симнете“, велат од Кинотека.

Од Кинотека им се заблагодаруваат на сите од тимот на монографијата – особено на Манчевски, Костова и Арс Ламина – што дозволија и домашната кинотечна публика да ја погледне и прочита оваа импресивна публикација.