МОН: Градењето квалитетно образование е процес, ширењето дезинформации не придонесува за надминување на предизвиците

5

 

Министерството за образование и наука редовно, транспарентно и одговорно информира за реформата на националниот образовен систем што е во тек, велат од МОН.

– Реформата се одвива етапно, согласно утврдениот план. Во основното образование, за учебната 2021/2022 нови наставни програми беа изготвени за прво и четврто одделение, а за учебната 2022/2023 за второ и четврто одделение. Учебниците се изработуваат соодветно на новите наставни програми, посочуваат од МОН.

Од Министерството истакнуваат дека за учебната 2023/2024 ќе има нови наставни програми и нови учебници за трето и шесто одделение.

– Наставните програми за трето одделение веќе се изработени и следи објавување на повик за учебници, а за шесто одделение во тек е изработката на наставните програми, соопштуваат од МОН.

Од Министерството нагласуваат дека изработката на учебниците е комплексен процес, чие реализирање минува низ пропишана постапка, воспоставена со цел учениците да добијат квалитетни содржини, да се елиминираат грешките и нелогичностите.

– Со оглед на комплексноста на процесот, бројни се и предизвиците, но со залагање на сите чинители, тие се надминуваат. Квалитетен систем на образование не се гради преку ноќ, ниту без совладување на проблеми, велат од МОН.

За Министерството за образование и наука разбирлива е загриженоста на учениците, родителите и јавноста за квалитетот на воспитно-образовниот процес во Република Северна Македонија. Токму затоа, велат од МОН, неопходно е сите засегнати страни да делуваат водејќи се од најдобриот интерес на учениците.

– Ширењето дезинформации и извртувањето на факти не е во интерес на градење на квалитетно образование. Ова го посочуваме од причина што во изминатите денови дел од медиумите пренесуваат наводна „изјава“ на министерот, дека сите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение ќе бидат обезбедени во септември, што невистина. Потсетуваме дека 90 отсто од учебниците за овие одделенија се набавени и веќе дистрибуирани до училиштата. Преостануваат учебниците по странски јазици за кои наскоро ќе започне објавувањето на огласи за изработка, известуваат од МОН.

Оттаму посочуваат дека секој од нас треба да одлучи дали ќе биде поддршка на процесот на реформи на образованието или од другата страна, што, како што велат, води кон пролонгирање на образовното назадување, со сите последици.