МОН објави ликовен конкурс за основци на тема „Светот кој го сакам во 2023 година“

5

 

По повод новогодишните празници Министерството за образование и наука (МОН) денеска на својата веб страница објави ликовен конкурс за основци на тема „Светот кој го сакам во 2023 година“.

Конкурсот предвидува натпревар во три категории, за ученици од прво до трето одделение, од четврто до шесто одделение и за ученици од седмо до деветто одделение. Цртежите треба да бидат оригинални, плод на трудот и знаењето на ученикот, инспирирани од предизвиците на учењето во тековната учебна 2022/2023 година.

Секој ученик кој сака да учествува, може да испрати само еден индивидуален авторски ликовен труд во само една категорија, соодветна на одделението во кое учи. Крајниот рок за аплицирање е 23 декември 2022 година, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 31 декември.

Победниците во секоја категорија ќе бидат пригодно наградени, а наградите ќе им бидат врачени на средба во Министерството за образование и наука.

МОН ги охрабрува учениците да учествуваат на ликовниот натпревар, да ја покажат својата креативност преку визуелизација на своите желби во новата година. Ова е добра можност за надградба на натпреварувачкиот дух, но и за придонес кон подигнување на свеста за потребите и очекувањата на младите и зголемување на заложбите за нивно исполнување.