МОН: Околу 8.000 ученици наставата ја следеа на Националната телевизија

18

Првото полугодие од учебната година 2020/21 го одбележа работа во пандемиски услови, односно пред се настава на далечина, но и настава емитувана на Националната телевизија, а министерката Мила Царовска и покрај тоа, оцени дека учениците заедно со наставниците имале успешно полугодие.

– Огромна благодарност до директорите, наставниците, учениците и родителите кои со силна посветеност и ангажман направија се успешно да се реализира наставата во услови на пандемија – порача Царовска.

Во однос на бројот на заболени во училиштата, од МОН за „Слободен печат“ велат дека помалку од 1 процент од наставниците и учениците биле позитивни на ковид-19, а истакнуваат и дека околу 8.000 ученици настава ја следеле преку 20-минутни часови кои се емитуваа на Македонската телевизија.

„Учењето на далечина успешно функционира. Министерството за образование и наука преку хибриден модел на настава во време на пандемија обезбеди образование достапно за сите деца и првото полугодие заврши успешно. Над 90 % од учениците успешно следеа онлајн настава, со исклучително низок процент наставници и ученици како активни случаи на Ковид-19, помалку од 1%, како и со околу 8.000 ученици кои наставата на далечина ја следеа на Националната телевизија преку емитување на 15 минутни часови на македонски и албански јазик. Дополнително наставниците беа во постојана комуникација и доставуваа печатени наставни материјали на учениците кои не беа во можност наставата да ја следат на далечина“, велат од МОН.

Министерката, зборувајќи за второто полугодие, истакна дека е најбезбедно тоа да продолжи како и првото, односно со хибриден модел на настава.