Моралес: Браќа и сестри, заминувам!

7

Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес утринава полета за Мексико со авион на мексиканската влада која му одобри азил.

Мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард претходно потврди дека владата испратила авион во Ла Паз по Моралес и дека неговата земја му доделила азил од „хуманитарни причини“.

Во Боливија неговиот живот и интегритет се загрозени, стои во соопштението на шефот на мексиканската дипломатија.

Во понеделникот навечер Моралес јавно соопшти дека ја напушта земјата и дека заминува во Мексико.

„Браќа и сестри, заминувам за Мекско“, напиша Моралес на својот профил на социјалната мрежа Твитер и им се заблагодари на мексиканските власти за добивањето на азил.

„Ме боли што ја напуштам земјата поради политички причини, но секогаш ќе ја следам ситуацијата. Наскоро се враќам со поголема сила и енергија“, изјави Моралес.

Моралес во неделата потврди дека ќе поднсе оставка после 13 години на власт, со цел да се смират насилните протести кои избија откако тој победи на претседателските избори. Боливиската опозиција го обвини за изборен фалсификат, а Моралес тврди дека е жртва на државен удар.

Сега веќе поранешниот боливиски претседател, во неделата се согласи на одржување на избори по препораката на Организацијата на американски држави која спроведе ревизија на изборите од 20-ти октомври и пронајде сериозни неправилности при нивното спроведување.

Моралес соопшти дека се повлекува од функцијата откако боливиската армија го побара тоа од него.