Моралес: Мексико ми го спаси животот

14

Ево Моралес, боливискиот претседател кој поднесе оставка, денеска по пристигнувањето во Мексико, земја која му даде азил, изјави дека оваа држава му го спасила животот.

Според агенцијата АП, Моралес по пристигнувањето во Мексико рекол дека нема намера да се повлече од политиката.

Авионот на Моралес денеска слета во Мексико, каде доби азил откако поднесе оставка под притисок на протестите во Боливија кои започнаа по спорните избори, објави претходно „Ројтерс“, повикувајќи се на телевизиски извештаи.

Патувањето на Моралес од Боливија кон Мексико, сепак, не поминало без проблеми, обелодени на прес-конференција мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард.

Ебрард зборуваше за сложени разговори кои неговото министерство ги имало со јужноамерикански дипломати во текот на ноќта со цел да се овозможи безбеден лет на Моралес кон Мексико Сити.

Моралес на „Твитер“ објави дека го боли фактот што ја напушта земјата од политички причини, но дека ќе се врати посилен и поенергичен.