МОФ: Македонија ја губи битката за квалитетно образование, потребни се итни реформи

3

 

Младински образовен форум (МОФ) итно бара надлежните да почнат со реформирање на образовниот систем и сериозно инвестирање во него – во спротивно, смета дека образованието ќе стане целосно нефункционално што, пак, целосно ќе се рефлектира на функционалноста и на државата.

По повод Меѓународниот ден на образованието – 24 Јануари, МОФ во соопштение оценува дека македонскиот образовен систем е нефункционален и „во слободен пад“.

-Со години наназад властите – минати и сегашни постојано нѐ уверуваат дека образованието е иднината и дека образованието е клучниот рецепт за успех на една држава. Сепак, тоа за жал е само декларативно, а рецептот е очигледно неуспешен. Второто полугодие во 2023 година учениците од државните училишта го започнаа исто како и почетокот на училишната година во септември – со недостаток на учебници. Ако една држава не може да го испорача наједноставното / најелементарно за еден образовен процес – навремено да нарача и да испечати учебници, тогаш како може да очекуваме дека некогаш ќе стигнеме барем блиску до останатите развиени образовни системи?, наведува МОФ.

Недостигот на учебници не е единствениот проблем, години наназад на речиси сите меѓународни и национални истражувања и анализи, додава МОФ, се укажува дека „македонскиот образовен систем е во слободен пад и никој не презема нешто за суштински да го смени тоа“.

– Важно е да се напомене и дека младите од руралните области и младите од урбаните средини немаат ист пристап до образование ниту, пак, исти можности. Во 2023 година за нашата држава сѐ уште не е проблем тоа што голем дел од учениците во руралните средини одат во училишта кои се без елементарни услови, нереновирани со децении, без функционални тоалети. Младите ученици со попреченост сѐ уште се на маргините. Многу од овие ученици учебната година ја започнаа без проценка, без асистент, без индивидуален образовен план. Има сѐ уште училишта кои не се пристапни – немаат пристапни рампи, немаат лифтови, адаптиран мебел или, пак, адаптирани тоалети. Дополнително, младите од поправните домови немаат пристап до образование со што дополнително им се отежнува процесот на рехабилитација и интеграција назад во општеството, пишува во реакцијата/став на Младинскиот образовен форум.

Дека за нашата држава образованието и науката се прашања кои се целосно на маргините, смета МОФ,  доволно е да се види и во буџетот за 2023 година.

-Буџетот за наука предвиден за следната 2023 година, со Предлог-буџетот кој го изгласа Владата, изнесува само 268 милиони денари и е најнизок во последниве 10 години.Дополнително, иако државниот Буџет секоја година се зголемува, оваа година за наука биле предвидени дури 42% помалку пари во споредба со 2014 година, а за следната се предлагаат дури 66 отсто помалку во споредба со тогаш. Оттука, воопшто не треба и да не чуди фактот што нашиот најголем и најстар универзитет постојано опаѓа на меѓународните рангирања и наместо секоја година да оди нагоре – како тоа што се случува со високообразовните институции во регионот – кај нас оди само надолу. Во споредба со универзитетите од регионот најголемиот македонски универзитет се наоѓа при дното, далеку зад најголемите универзитети на Грција, Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија, наведува МОФ.