Мојсовски: Три милиони евра од Буџетот ќе се насочат кон спортски субјекти

13

Три милиони евра, односно 184,5 милиони денари, пари од државниот Буџет, ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт. Со оваа мерка се опфатени 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти кои досега добиле спортски ваучер, истакна на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Тој додаде дека средствата на Буџетот на Северна Македонија се дел од програмите за справување со последиците од ковид-19 кризата.

– Веќе една година сме соочени со тешкотии и проблеми во функционирањето поради коронавирусот и финансиската поддршка на спортските чинители од државата е еднократна употреба. Со оваа владина одлука усвоена на 65-та седница на наменските сметки на спортските субјекти на кои им е издаден ваучер за 2021 година ќе бидат уплатени најмногу 33 отсто од вредноста на издадениот ваучер како еднократна финансиска помош, утврдена на официјалната листа на спортски субјекти кои се објавени на веб-страната на АМС, наведе Мојсовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт посочи дека процедурата е едноставна и брза.

– УЈП до АМС ќе достави лита на спортски субјекти кои се корисници на спортски ваучер и кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување и донирање финансиски средства на спортските субјекти. Веднаш потоа АМС ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави листа на спортски субјекти и износ на користење на остатокот на буџетот кој им е издаден за 2021 година по што конечната листа ќе биде доставена до генералниот секретар на Влада и ќе следува исплата, објасни Мојсовски.

Тој потенцираше дека Владата и АМС континуирано вложуваат во спортот со што се создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубовите, индивидуалните спортисти.

– Тука сме со поддршка и сега и во време на пандемија да направиме се за да се овозможи развој, поголем простор и повеќе средства за нови спортски спортисти и рекреативци. Ветивме дека спортот ќе го добие своето заслужено место и поддршка и тоа го остваруваме. И во време на здравствена и економска криза силно сме посветени на изнаоѓање решение со кое што спортот и сите спортски работници во континуитет ќе бидат поддржани со цел да можат да функционираат непречено, потенцираше директорот на Агенцијата за млади и спорт.